Со физичка активност на работно место до здрави вработени

  • Home
  • Македонски
  • Со физичка активност на работно место до здрави вработени


Во Клубот на пратеници во Скопје денеска се одржа националниот состанок за „Унапредување на физичката активност на работно место“, организиран во соработка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ – Скопје и Институтот за медицина на труд – Колаборативен центар на СЗО, со поддршка од Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје.

Шефицата на Канцеларијата на СЗО во земјава, д-р Ане Јохансен истакна дека од направените проценки во 2019 година во Северна Македонија населението загубило 5 000 години живот поради „седечкиот начин на живеење“.

– Ова придонесува за пораст на зарази болести, болести на срцето, инфаркти, разни видови на рак, дијабет и е фактор на ризик за загуба на меморијата и алцхајмерова болест, рече таа.

Јохансен посочи на развивањето на информатичките и другите технологии, кои резултираат со пасивност во работата и функционирањето на поединецот и придонесуваат кон тоа да не се движиме до точка што претставува проблем.

– Зошто сме загрижени за работното место, затоа што седиме цел ден и покрај осумте часа што ги спиеме, најголемиот дел од денот го поминуваме на работа и повеќето од нас седиме. Сега увидовме дека дури само по еден час нашето тело стапува во состојба на хибернација и тоа е навистина лошо, изјави Јохансен, дополнувајќи дека СЗО подготви глобален акциски план за физичка активност кој содржи различни препораки за она што треба да се прави.

Деканката на Факултетот за физичка култура, образование, спорт и здравје, проф. д-р Ленче Алексовска Величковска, истакна дека ова е знак оти имаме добар почеток. Според неа, спортот значи обединување, а физичката активност значи социјализација.

– Кога почнувате некоја активност мора да верувате, мора да имате позитивна енергија, да ги сакате луѓето, да сакате да ги спојувате. Тоа е она што го носи спортот. Да бидете искрени. Една насмевка, тоа ништо не чини, а многу дава. Една вежба, многу е лесно да ја направиш, а никој не ја прави тогаш кога треба, рече таа.

Алексовска информираше дека целта на Факултетот е прво да се подигне свеста.

– Да ги поведеме сите што се околу нас и да ја оствариме оваа цел. Денеска потенцираме здравје на работното место и се надевам дека секој од нас кога ќе отиде на своето работно место ќе ги промени седентарните навики кои што ги има, рече таа.

Според претставничката од Институтот за медицина на трудот, проф. д-р Јованка Караџинска Бислимовска, овој настан има големо значење.

– Се однесува на една важна, клучна компонента која директно влијае на здравјето, а тоа е физичка активност. Зошто е важна, затоа што се однесува на активното јадро на една држава, на една нација, тоа се работниците. Затоа што се однесува на работно место каде што минуваме многу повеќе од животниот век, отколку дома. Затоа што имаме работни места каде што немаме што да зборуваме за физичка активност, тие горат од работа, еден рудар, бушач, градежен работник. Ние ќе зборуваме за една голема бројка луѓе кои седат, посочи таа.

На настанот беа презентираа досегашните активности со осврт на истражувачки податоци, добри практики и национален напредок во однос на политиките за унапредување на физичката активност на национално ниво, како и подготвените препораки до работодавачите и креаторите на политики во однос на усвојување на иницијативи за активни работни места и дискусија за понатамошна соработка и имплементација на препораките од експертската група.

Извршната директорка на Здружението за спорт Sport Social Solutions, Силвија Митевска, сподели дека во рамки на програмата експертскиот тим подготви препораки за физичка активност на работно место.

– Во рамки на програмата „Унапредување на физичката активност на работно место“, експертскиот тим подготви препораки за физичка активност на работно место, а се таргетирани кон креаторите на политики, работодавците и работниците кои имаат седентарна професија. Очекуваме овие упатства и препораки да бидат преземени и имплементирани во што поголем број на организации и институции, рече таа.

Веста е преземена од Бриф.мк