Институт

  • Home
  • Институт

Современите тенденции за научноистражувачки развој, секојдневните новини и помагала од електронскиот свет треба да ги следи секој поединец и институција. За што поуспешна работа, Факултетот пристапи кон формирање на Центар за анализа и обработка на податоци. Со Центарот за анализа и обработка на податоци раководи раководител кој  има докторат од соодветната област.Првиот и актуелен раководител на центарот за анализа и обработка на податоци е проф. д-р Георги Горгиев, а негови членови се вонр. проф. д-р Серјожа Гонтарев и вонр. проф. д-р Александар Ацески.

Центар за анализа и обработка на податоци.

 

Во реализација на програмата на Центарот можат да бидат ангажирани наставници, соработници, асистенти – докторанти од катедрите, како и одредени надворешни соработници, стручни лица од одредени области кои по предлог на раководителот ги ангажира деканот на Факултетот.

Годишната пpограма за работа на Центарот ја подготвува и ја предлага раководителот на Центарот. Структурно гледано, овој Центар ја опфаќа целокупната постапка и методолошките основи на сите нивоа на научноистражувачка работа. Центарот, во рамките на својата дејност, ги дава следниве услуги:

  • помош околу конципирање на хипотезите, целите, предметот, проблемот на истражувањето и др., по строго дефинирани методолошки правила;
  • помош околу изборот и изработката на инструменти (тестови, прашалници, анкети, скали и сл.);
  • помош околу проверување на мерните карактеристики на инструментите;
  • правење на матрици за внес на податоци (темплејти), упатство за внес на податоци и др.;
  • внесување на податоците од страна на стручни лица;
  • подготовка на податоци за обработка (нивно сортирање, филтрирање, селектирање, чистење и др.);
  • статистичка обработка на податоците (униваријантна, и мултиваријатна анализа, параметриска и непараметриска статистика, анализа на видеоматеријали и сл.), со детална интерпретација на добиените резултати;
  • приказ на резултатите – табеларно и графички;
  • печатење на резултатите:
  • меморирање на внесените податоци во сиситемот и можност за нивно повторно користење за научни цели;
  • сортирање, филтрирање, печатење на меморираните податоци за анализа и дистрибуција, изработка на соодветни извештаи и нивно објавување во научни и стручни публикации;
  • можност за додавање на дополнителни податоци за потребите на научноистражувачката работа.
  • внесување на текст, подесување на изгледот на текстот и сликите, вклучувајќи скенирање и препознавање на оптичките обележја;
  • обликување на документот и други подготвителни операции за печатење;
  • подготовка и обработка на податоци за мултимедијална употреба;
  • компјутерска обработка на производот за печатење;
  • врши и други работи во согласност со дејноста на Факултетот.

Согласно член 12, од Правилникот за основање и работа на центрите за кариера на единиците на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, со одлука на Наставно – научниот совет, формиран е Центарот за кариера на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во состав на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во кој се именувани:

Претседател проф. д-р Милан Наумовски, членови: вонр. проф. д-рСерјожа Гонтарев, доц. д-р Александар Ацески  и доц. д-р  Влатко Неделковски.

Начинот на работа, делокругот, надлежносите и активностите на Центарот за кариера се утврдени со Правилникот  за основање и работа на центрите за кариера на единиците на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

На Факултетот се водат алумни дата база на податоци во електронска форма за дипломирани студенти и тоа: дипломираните студенти пополнуваат пристапница која содржи: основни лични податоци за дипломираниот студент, студиска програма и насока, степен на образование, година на дипломирање, податоци за контакт (телефон, e-mail адреса и сл.). Преку пристапниците кои ги потпишуваат студентите, овозможуваат  Центарот за кариера да оствари комуникација со јавни и приватни институции во насока на нивно идно вработување.

Согласно член 7, од Правилникот за основање и работа на центрите за кариера на единиците на УКИМ, Центарот за кариера на ФФОСЗ во состав на УКИМ –Скопје, во согласност со своите надлежности ги превзема следните активности:

Учествува во организација на задолжителната практична настава на студентите во основните и средните училишта во Македонија.

Организира и реализира практична настава со студентите.

Во насока за поттикнување и организирање на волонтерската работа на студентите, Центарот за кариера ангажира студенти врз база на волонтерство во следните активности: координатори на спортски натпревари: фудбал, ракомет, кошарка, одбојка, атлетика, карате, куглање и др., промотори на физичката активност во функција на здравјето, актини учесници во Аеробик конвенциите кои се организираат низ нашата држава и надвор од неа, во Европската недела на движење (“MOVE WEEK”), манифестации и проекти под покровителство на Претседателот на државата “Спортот во функција на подобрувње на меѓуетничкте односи и толеранцијата“, спортот во функција на намалување на насилството и агресијата кај младите“.

Склучен е договор за соработка и мобилност со Универзитетот од Словенија, Факултетот за спорт – Љубљана, Велико Трново, Република Бугарија, НСА-Софија, Бугарија,Факултет за спорт -Литванија, Финска и веќе се реализирани повеке мобилности на студенти и наставен кадар.

Во рамките на проектот “Континуирано усовршување на професорите пофизичко образовани, спорт и здравје“, кој се рализира во соработка со Министерството за образование, Агенцијата за млади и спорт и Бирото за развој на образованието во Република Македонија, Центарот за кариера анажира студенти и дипломирани професори кои се и несе во работен однос.

Центарот за кариера организира посети на студентите во спортските федерации и спортските клубови, со цел запознавање со функционирањето на истите.

 

Спортската наука, спој на теоријата и практиката

АЛУМНИ КЛУБ

 

Алумни клубот е основан со цел поврзување на дипломираните студенти и работодавачите и развивање на свеста кај студентите и дипломците за современите услови на работа. Клубот е на располагање на студентите за да им помогне да развијат вештини и да стекнат знаења кои се исклучително важни за работата и вработувањето, да стекнат работно искуство за време на студиите и да се запознаат со заедницата на работодавачите и нејзините правила, како и да научат конструктивно да размислуваат за дадените можности.

Алумни клубот е организиран така што нуди стручна и корисна поддршка на студентите и дипломците во развивањето на вештини и знаења кои ќе им бидат неопходни при нивното вработување или понатамошното дообра-зување, како и поврзување на академската заедница и заедницата на работодавачите. Основните цели на овој клуб се поврзување на дипломираните студенти и работодавачите и развивањето на свеста кај студентите и дипломците за современите услови на работа, односно дека работодавачите бараат нешто повеќе од диплома. Структурата на алумни клубот им овозможува на студентите да разберат дека е потребно развивање на практични вештини и способности, поради нивната подобра подготовка за пазарот на трудот кој забрзано се менува.

Главните активности на алумни клубот се насочени кон кариерно истражување и олеснување при донесување на одлука, потврдување на интересите во реална работна ситуација, релевантно работно искуство од полето на интерес, искуство од учење кое што ги надминува границите на училницата, а со тоа и теоретското учење станува порелевантно за студентите.

Креатори на многу научни и  спортски истражувања и активности

Во состав на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, како посебна организациона единица егзистира и Центарот за физичко образование,со примарна задача да ја организира и реализира наставата по предметот спорт и здравје со студентите на нематичните факултети во состав на УКИМ.

Во далечната 1966/67 година, Комитетот за физичка култура на Р. Македонија, со донесување на Закон за физичка култура, покренал  иницијатива  за воведување на редовна настава по физичко образование за студентите на УКИМ. За таа цел, на Универзитетот се формира Комисија за спорт со цел да предложи мерки и заклучоци до Универзитетскиот совет, за донесување одлука за отпочнување со настава по физичко образование на студентите од УКИМ.

Работната заедница на УКИМ во 1967 година, го вработува како стручно лице професорот Иван Панов, со задача да ги подготви сите неопходни услови за отпочнување со оваа настава, потпомогната со матријално финансиски стредства од буџетот на Р. Македонија. Откако биле обезбедени сите неопходни услови, во учебната 1968/69 година, започнува да се реализира наставата со 350 студенти од Медицинскиот факултет.

Во понатамошниот период со оваа настава се опфаќаат поголем број на студенти.

На 22.10.1982 година, по одржаниот референдум на: Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“,Факултетот за физичка култура и Центарот за физичко образование, потпишана е самоуправна спогодба за спојување на Центарот со Факултетот. Притоа, Центарот се преименува во Одделение за физичка култура. Целта на спојувањето била да се создадат поповолни услови за организирање и изведување на наставата по физичко образование со студентите од нематичните факултети во состав на УКИМ. Веднаш по спојувањето на Центарот со факултетот се отвара постапка за избор за постојните 11 наставници во наставни звања предавач и виш предавач. Подоцна, Одделението за физичката култура се преименува во Центар за физичко образование.

Подоцна, бројот на наставници се зголемува,  за да во учебната 1997/98 истот изнесува 24 наставници, кои изведуваат настава  на околу 6000 студенти од прва година на стие факултети во рамките на УКИМ. Во овој период наставата  беше задолжителна со неделен фонд 0+2 часови, во прв и втор семестар.

Во периодот од 2000 до 2013 година, Центарот за физичко образование  ги доживува најтешките години од своето постоење, како резултат на нефинансирањето  на спортските објекти т.е. наставата од страна на ресорното Министерство.

Како резултет на нефинансирањето повеќе факултети ја укинаа наставата по физичко образование. Искра надеж дојде  во 2013 година, кога започна со изградба мулти-функционалната сала во кампусот на УКИМ,  како и донесената одлука во март 2014 година, од страна на Наставно-научниот совет на ФФОСЗ, која одлука  едногласно беше прифатена од Ректорската управа во април истата година, предметот спорт и здравје да стане едносеместрален и задолжителен предмет со неделен фонд од 0+2 часа со  2 ЕКТС кредити.

До денес предметот го имаат акредитирано 12 факултети,а наставата ја изведувааат  само 6 наставници од кои,  5 се доктори на науки од областа на кинезиологијата и еден магистер. Покрај редовната настава, вработените во центарот  организираат  и воннаставни активности како што се: Традиционалната планинарска тура што се организира по повод 13 Ноември, ослободување на градот Скопје, а која се изведува под  покровителство на ректорот на УКИМ. Наставниците од центарот се вклучени и во организација и реализација на  универзитетските спортски натпревари.

Дел од наставата по предметот порт и здравје на нематичните факултети