Ценејќи ја 40-годишната традиција на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св.Кирил и Методи” од Скопје, може слободно да кажам дека истата претставува најстара и најреномирана наставно-научна институција во Република Македонија од подрачјето на кинезиологијата. Успешната работа на Факултетот од 40-годишниот период на неговото постоење се темели пред се на извонредните кадровски потенцијали кои успеаја да имплементираат поголем број студиски програми на додипломско, постдипломско и докторско ниво. Во тој контекст главен императив, односно мисија на факултетот претставува:
– унапредување на квалитетот на образовните услуги,
– создавање на квалитетни и конкурентни кадри на пазарот на трудот во земјава и странство и
– подигнување на образовното ниво на целата македонска популација (се разбира пред се од доменот на кинезиологијата).
Студентите се темел за постоењето на секоја високообразовна институција, а во таа смисла и на нашиот Факултет. Како рамноправни членови на Академската заедница, континуирано се трудиме истите да го заземат правото место и значење. Младите колеги, во целост се третираат како вредност во која безрезервно инвестираме труд и знаење. На овој начин сигурни сме дека по нивното дипломирање истите успешно ќе го претставуваат нашиот Факултет во сите сфери на општественото живеење и истите ќе бидат нашите најдобри амбасадори. На крај, би сакалe на сите сегашни и идни студенти да им честитаме за вистинскиот избор на високообразовна институција и им посакуваме успешен академски живот.