КРАТКИ РЕЗИМЕА ОД РЕАЛИЗИРАНИ ПРОЕКТИ
Проекти реализирани во 2021 г.
Наслов: ДИЈАГНОСТИКА НА АНТРОПОЛОШКИ ДИМЕНЗИИ НА КОШАРКАРИ
Проектот е целосно финансиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Современите научни сознанија во спортската наука ги потврдуваат тврдењата дека спортот претставува сложен динамички систем, составен од мноштво подсистеми кои се во меѓусебна интеракција.
Кошарката изобилува со динамични и комплексни движења, кои бараат адекватно ниво на антрополошки димензиите но и интердисциплинарен пристап во тренажниот процес со цел успешно планирање, програмирање и реализирање на тренажниот процес.
Спортскиот тренинг базиран на научно проверени и потврдени сознанија за антрополошкиот статус на кошаркарите меѓудругото, значително влијае и во објективизација на процесот на селекција и насочување на спортистите.
Предмет на истражувањето беа антрополошките димензии на кошаркари членови на националните младински селекции У14, У16 и У18.
Главна цел на проектот беше дијагностика на антрополошките димензии на кошаркарите преку процена на моторичките способности (базични и специфично-моторички), морфолошките карактеристики и телесниот состав. Посебна цел на истражувањето беше утврдување на нормативи за селекција и следење на спортистите.
Процената на базичните моторички димензии произлезе од резултатите на тестовите за флексибилност, забрзување/брзина, агилност, сила, моќ, координација и аеробен капацитет, а процената на специфично-моторичките способности од резултатите на 3 теста, кои соодветствуваат со структурата на кошарката.
Сите избрани тестови се стандардизирани и се одликуваат со висок степен на метриски карактеристики.
За процена на морфолошките карактеристики и одредување на нивниот соматотипен профил беа измерени 10 следните релевантни антропометриски мерки (телесна висина, телесна маса, обем на флектирана надлактица, обем на потколеница, кожна дипла супраспинално, кожна дипла супскапуларно, кожна дипла на трицепс, кожна дипла на потколеница, дијаметар на зглоб на колено, дијаметар на зглоб на лакот).
Анализата на составот на телото беше извршена со биоелектрична импенданца ИнБоди 707 која утврди десетици показатели меѓу кои вкупна количина на телесни масти, процент на телесни масти, вкупна количина на телесна мускулна маса, процент на телесна мускулна маса, вкупна количина на коскена маса, процент на коскена маса, базален метаболизам, вкупна количина на вода, интерцелуларна вода, екстрацелуларна вода, дистрибуција на масти во телесните сегменти, индекс на телесна маса и др.
Добиените резултати исцртуваат појасна слика за антрополошкиот профил на кошаркарите, ефектите од тренажниот процес, нивната спортска форма и потенцијал. Понатаму, од истражувањето произлегуваат конкретни одредници за тренажниот процес во иднина како клучен услов за максимизирање на нивниот потенцијал, кој ќе ефектуира со постигнување на забележителни спортски дострели и остварувања. Исто така, резултатите обезбедуваат солидна база за утврдување на нормативи за проучуваната популација кои се неопходни во процесот на селекција и следењето на надарени и талентирани спортисти.
Заклучоци и препораки:
- Проучуваниот примерок на кошаркари поседува задоволителни базични моторички способности кои укажуваат на постоење на потенцијал за понатамошен нивен развој, како основа за постигнување на забележителни спортски резултати,
- Генерален е впечатокот дека кај кошаркарите се потребни позитивни трансформациски промени во моторичките способности особено во флексибилноста каде состојбата e незадоволителна, имајќи ја предвид нејзината важноста особено во превенција од повреди,
- Контрола и мониторирање на антрополошките димензии и во другите тренажни циклуси кај кошаркарите од У18, со цел проверка на веродостојноста на причините за делумно задоволителните резултати во дел од варијаблите.
- Дијагностика и на други димензии од антрополошкиот статус на кошаркарите заради објективизација на нивниот потенцијал и максимизирање на спортските дострели.