Факултетот за физичко образование, спорт и здравје е високошколска институција во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, задолжен за образување на стручни кадри со највисока стручна подготовка од областа на физичката култура – Кинезиологијата. Факултетот за физичко образование, спорт и здравје е основан на 08.07.1977 година со одлука на Собранието на СРМ (Закон за основање на Факултет за физичка култура објавен во Службен весник на СРМ бр. 30/77 од 15.07.1977 година).
На почетокот, на Факултетот беа вработени 12 магистри и 4 соработници – помлади асистенти. Во периодот на развој, наставниот и соработничкиот кадар се зголемуваше согласно промените на наставните планови и потребите за реализација на истите.
Денес Факултетот за физичка култура располага со висококвалитетен наставен и соработнички кадар, кој успешно ги следи трансформациите во реализацијата на воведувањето на европскиот кредит трансфер систем.
Од основање до денес, Факултетот образувал голем стручни кадри од областа на кинезиологијата поделени во 4 основни студиски програми кои ги покриваат основните подрачја:
– Физичко и здравствено образование
– Спорт
– Спортска рекреација
– Кинезитерапија
Денес на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје функционираат три циклуси на студии.
На првиот циклус академски студии (4 години), студентите на насоката Физичко и здравствено образование се стекнуваат со 240 кредити и ја добиваат дипломата:
– ДИПЛОМИРАН ПРОФЕСОР ПО ФИЗИЧКО И ЗДРАВСТВЕНО ОБРАЗОВАНИЕ (се образуваат за работа во основното, средното и високото образование)
На првиот циклус стручни студии (3 години), студентите на насоката Спорт, се стекнуваат со 180 кредити и ја добиваат дипломата:
– ДИПЛОМИРАН СПОРТСКИ ТРЕНЕР ПО СООДВЕТНИОТ СПОРТ – атлетика, бокс, борење, ватерполо, велосипедизам, гимнастика, карате, кик-бокс, кошарка, одбојка, пливање, ракомет, спорт за инвалиди, стрелаштво, скијање, фитнес, фудбал, џудо и др. (се образуваат за работа во спортските клубови на сите нивоа, спортските федерации, здруженија и асоцијации)
Во тек се акредитациите на интегралните програми за подготовка на стручни кадри за: кинезитерапија, спортска рекреација, стручни кадри за лица со посебни потреби, стручни кадри кои ќе ја реализираат наставата по предметот физичко и здравствено образование во предучилишната и одделенската настава (I – V одд).
Во соработка со Правниот факултет “Јустинијан Први”, како посебни модули во четврта година, акредитирани се студиските програми за “спортско новинарство“ и “односи со јавноста во спортот“.
Во рамките на првиот циклус студии на факултетот, студентите реализраат теренска настава по скијање, летно логорување и планинарска тура.
Факултетот повеќе од 2 децении успешно ја извршува и функцијата за подготовка на високостручен и научен кадар на вториот циклус студии – постдипломските студии.
На вториот циклус (магистерски) студии (една година), студентите се стекнуваат со 60 кредити, а во моментов се акредитирани две студиски програми. На првата студиска програма студентите го добиваат научниот степен МАГИСТЕР ПО КИНЕЗИОЛОГИЈА. На втората студиска програма, која е во соработка со Економскиот факултет, студентите се стекнуваат со научниот степен МАГИСТЕР ПО СПОРТСКИ МЕНАЏМЕНТ.
Во тек се акредитациите за магистерски студии од областа на спортот, спортското новинарство и односи со јавноста во спортот.
Со интегрирањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, воведен е трет циклус студии – докторските студии
На третиот циклус – докторски студии (3 години), студентите се стекнуваат со 180 кредити и го добиваат научниот степен ДОКТОР НА НАУКИ ОД ОБЛАСТА НА КИНЕЗИОЛОГИЈАТА.
Факултетот за физичка култура во Скопје, успешно соработува со неколку десетици истородни факултети во Европа и во светот.
ПРОСТОР И ОПРЕМА НА ФАКУЛТЕТОТ
Факултетот располога со 4 спортски сали од кои едната сала под името “Македонски херои” со големина од 1500 метри квадратни и има капацитет од 500 седишта. Истата е опремена со најмодерна спортска опрема и оспособена е да се користи за повеќе видови спортови.
Исто така во рамки на факултет има и 4 предавални и 1 амфиетеатар кои се опремени со аудио-визуелна опрема (компјутери, видео проектори, графоскопи, интернет пристап). Ваквата опременост овозможува теоретската настава да се изведува на високо-стручен и софистициран начин.
За поефикасно реализирање на наставната и научната дејност функционира “Мобилната биомеханичко-спортска” лабораторија во која се тестираат најразлични субјекти (студенти, спортисти, ученици, рекреативци).Библиотеката на факултетот располага со библиотечен фонд од 5.000 книги, списанија, монографии, билтени и други потребни учебни помагала. Во рамки на библиотеката има 10 компјутери со интернет пристап, со што се овозможува поврзување со реномирани светски библиотеки, а на тој начин да се следат новините од областа на кинезиологијата.