ФФОСЗ се претставува на престижниот Меѓународен саем за високо образование во Истанбул

  • Home
  • Македонски
  • ФФОСЗ се претставува на престижниот Меѓународен саем за високо образование во Истанбул


Во периодот од 24 до 26 јули, во Истанбул, Република Турција, се одржува еден од најзначајните меѓународни саеми за високо образование, кој ги обединува водечките универзитети од регионот и пошироко. Во рамките на заедничкиот настап на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ), свое претставување има и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ).

Факултетот на саемот го претставува деканот, проф. д-р Влатко Неделковски, кој преку посебен промотивен штанд ги презентира студиските програми, современите услови за студирање, научно-истражувачката дејност, како и можностите за академски и професионален развој што ги нуди ФФОСЗ.

Настапот на овој престижен меѓународен настан претставува значаен чекор во процесот на интернационализација на факултетот, отворајќи нови можности за воспоставување академски партнерства и зајакнување на меѓународната препознатливост на ФФОСЗ како современа високообразовна институција.

Посебен акцент е ставен на промоцијата пред странските студенти, кои покажуваат сѐ поголем интерес за студирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а особено за студиските програми на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Преку директните средби, презентации и разговори со потенцијалните кандидати, посетителите имаат можност одблиску да се запознаат со квалитетот на наставата, современата инфраструктура и широките можности што ги нуди факултетот.

Со своето учество на меѓународниот саем во Истанбул, ФФОСЗ уште еднаш ја потврдува својата определба кон отворање кон светот, привлекување на интернационални студенти и градење на силна академска репутација надвор од границите на нашата државата. Ова претставува важен исчекор во позиционирањето на факултетот како регионален лидер во областа на физичкото образование, спортот и здравјето, со јасна визија за понатамошен развој и меѓународна афирмација.