СВЕЧЕНО ДОДЕЛУВАЊЕ НА ДИПЛОМИТЕ НА ФФОСЗ



СВЕЧЕНО ДОДЕЛЕНИ ДИПЛОМИТЕ НА ФФОСЗ

 

Денес (31.05.2019 г.) на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, беа свечено доделени дипломите на завршените студенти од првиот и вториот циклус студии на факултетот.

Во присуство на завршените студенти, професори и голем број гости, родители, пријатели…, најнапред им се обрати деканката на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје проф. др. Ленче Алексовска Величковска.

„Драги наши студенти, родители, колеги, професори сите срдечно ве поздравувам и пред се’ сакам да ви се заблагодарам на вашиот избор  што бевте дел од нашата институција, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Голема е честа да се биде дел од најстариот Универзитет во државата „Свети Кирил и Методиј“ кој годинава одбележува 70 години од основањето. Денес е навистина голем и значаен ден за сите вас, кои од овој момент сте официјално наши колеги. Тука се формиравте како интелектуалци, како личности и пред се како професионалци во областа која сте ја избрале, спортот како една од најважните работи во општеството. Почетокот на вашето студирање верувам ќе го паметите засекогаш, а од вашето академско патување и усовршување ќе понесете само убави спомени од академските клупи. Овде се нашите идни тренери, професори, кои што во иднина ќе бидат столбот на нашата струка. Но, ова е само едно скалило од многуте во животот. Ви порачувам тука да не застанете, да продолжите и на постдипломските студии, бидејќи на ова општество му требаат вакви кадри. Бидете жедни за наука, едуцирајте се и усовршувајте се и само така ќе се стекнете со потребното знаење за идните работни ангажмани. Во името на деканатот и сите колеги професори, ви честитаме уште еднаш на сите и ве испраќаме во нови почетоци.

По поздравниот и срдечен говор на деканката Величковска, следуваше доделувањето на дипломите од присутните професори.