КРАТКИ РЕЗИМЕА НА РЕАЛИЗИРАНИ ПРОЕКТИ
Проекти реализирани во 2021 г.
Наслов: ДИЈАГНОСТИКА НА АНТРОПОЛОШКИ ДИМЕНЗИИ НА КОШАРКАРИ
Проектот е целосно финансиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Современите научни сознанија во спортската наука ги потврдуваат наодите дека спортот претставува сложен динамички систем, составен од мноштво подсистеми кои се во меѓусебна интеракција.
Кошарката изобилува со динамични и комплексни движења, кои бараат адекватно ниво на антрополошки димензиите но и интердисциплинарен пристап во тренажниот процес со цел успешно планирање, програмирање и реализирање на тренажниот процес.
Спортскиот тренинг базиран на научно проверени и потврдени сознанија за антрополошкиот статус на кошаркарите меѓудругото, значително влијае и во објективизација на процесот на селекција и насочување на спортистите.
Предмет на истражувањето беа антрополошките димензии на кошаркари членови на националните младински селекции У14, У16 и У18.
Главна цел на проектот беше дијагностика на антрополошките димензии на кошаркарите преку процена на моторичките способности (базични и специфично-моторички), морфолошките карактеристики и телесниот состав. Посебна цел на истражувањето беше утврдување на нормативи за селекција и следење на спортистите.
Процената на базичните моторички димензии произлезе од резултатите на тестовите за флексибилност, забрзување/брзина, агилност, сила, моќ, координација и аеробен капацитет, а процената на специфично-моторичките способности од резултатите на 3 теста, кои соодветствуваат со структурата на кошарката.
Сите избрани тестови се стандардизирани и се одликуваат со висок степен на метриски карактеристики.
За процена на морфолошките карактеристики и одредување на нивниот соматотипен профил беа измерени 10 следните релевантни антропометриски мерки (телесна висина, телесна маса, обем на флектирана надлактица, обем на потколеница, кожна дипла супраспинално, кожна дипла супскапуларно, кожна дипла на трицепс, кожна дипла на потколеница, дијаметар на зглоб на колено, дијаметар на зглоб на лакот).
Анализата на составот на телото беше извршена со биоелектрична импенданца ИнБоди 707 која утврди десетици показатели меѓу кои вкупна количина на телесни масти, процент на телесни масти, вкупна количина на телесна мускулна маса, процент на телесна мускулна маса, вкупна количина на коскена маса, процент на коскена маса, базален метаболизам, вкупна количина на вода, интерцелуларна вода, екстрацелуларна вода, дистрибуција на масти во телесните сегменти, индекс на телесна маса и др.
Добиените резултати исцртуваат појасна слика за антрополошкиот профил на кошаркарите, ефектите од тренажниот процес, нивната спортска форма и потенцијал. Понатаму, од истражувањето произлегуваат конкретни одредници за тренажниот процес во иднина како клучен услов за максимизирање на нивниот потенцијал, кој ќе ефектуира со постигнување на забележителни спортски дострели и остварувања. Исто така, резултатите обезбедуваат солидна база за утврдување на нормативи за проучуваната популација кои се неопходни во процесот на селекција и следењето на надарени и талентирани спортисти.
Заклучоци и препораки:
- Проучуваниот примерок на кошаркари поседува задоволителни базични моторички способности кои укажуваат на постоење на потенцијал за понатамошен нивен развој, како основа за постигнување на забележителни спортски резултати,
- Генерален е впечатокот дека кај кошаркарите се потребни позитивни трансформациски промени во моторичките способности особено во флексибилноста каде состојбата e незадоволителна, имајќи ја предвид нејзината важноста особено во превенција од повреди,
- Контрола и мониторирање на антрополошките димензии и во другите тренажни циклуси кај кошаркарите од У18, со цел проверка на веродостојноста на причините за делумно задоволителните резултати во дел од варијаблите.
- Дијагностика и на други димензии од антрополошкиот статус на кошаркарите заради објективизација на нивниот потенцијал и максимизирање на спортските дострели.















Проекти реализирани во 2024 г.
Наслов: МОНИТОРИРАЊЕ НА СРЦЕВАТА ФРЕКВЕНЦИЈА НА МЛАДИ КОШАРКАРИ ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Проектот е целосно финансиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Мониторирањето на срцевата фреквенција претставува еден од методите за проценка на внатрешното оптоварување на кошаркарите за време на тренинг но и во текот на натпреварот. Во поново време во кошаркарската пракса се позастапена е примената на инерционите сензори односно акцелерометрите. Овие уреди на тренерот и кошаркарот му обезбедуваат точни информации за неговото поместување, брзина, забрзување, висина на скоковите и други покзатели за кошаркарот кои се важни за процена на оптоварувањето. Исто така, за процена на внатрешното оптоварување се користи и Борговата скала за регистрирање на заморот што го чувствува кошаркарот по завршување на тренингот или натпреварот.
Предмет на истражувањето беше мониторирање на срцевата фреквенција и внатрешнотно оптоварување на кошаркарите проценувано преку две методи.
Целта на истражувањето беше утврдување на разликите во внатрешното оптоварување на кошаркари од различни играчки позиции во услови на тренинг и натпревар.
Вкупниот примерок го сочинуваа 5 кошаркари на 16 годиншна возраст кои кои на Европското првенство натапуваа во прва петторка. Податоците беа добиени од тренинзите и натпреварите. Притоа беа анализирани 9 тренинзи од играчот со позиција 2 а податоците од позициите 1,3,4,5 беа извлечени од 10 тренинзи. Бројот на анализирани натпревари за сите играчки позиции изнесуваше 5. Главен критериум за анализа на натпреварите беше вкупното времетраење на играчот во игра да изнесува од 25 до 30 минути.
За регистрирање на срцевата фреквенција беше користен Polar H10 мониторинг систем кој кошаркарите го носеа за време на целиот тренинг односно натпревар.
Процената на внатрешното оптоварување преку показателите од срцевата фреквенција беше извршено преку TRIMPS – формулата.
Кај вториот метод за процена на внатрешното оптоварување беше користен прашалник кој содржи Боргова скала и истиот го пополнуваа 30 минути по завршувањето на тренингот/натпреварот.
Покрај основните дескриптивни показатели за статистичка анализа на добиените резултати беше користена АНОВА. Понатаму, за утврдување на разликата меѓу суппримероците беше користен Tukey – пост-хок тестот.
Статистички значајна разлика меѓу вантрешното оптоварување проценето преку мониторирање на срцевата фреквенција беше забележано само за време на натпреварите. Примената на прашалник за регистрирање на заморот не покажа статистички значајна разлика во внатрешното оптоварување за време на тренинг и натпревар.
Ова е прво истражување кое го проучува внатрешното оптоварување кај кошаркари за време на тренинзи и натпревари. Користењето на двете методи се клучен дел од тренинзите и натпреварите бидејќи овозможуваат поточна процена на оптоварувањето на кошаркарот, оптимизација на перформансата и избегнување на претренираност.
Влијание на Медитеранската диета и некои други фактори врз здравјето на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
(проект финансиран од УКИМ)
Медитеранската диета се темели на принципите на исхраната на жителите на Италија и Грција, но и на другите земји (Франција и Шпанија) кои излегуваат на Медитеранот (Средоземно море). Таа претставува еден од најздравите начини на исхрана бидејќи според Silver eco (2020) Грција и Италија имаат најголем процент на стари луѓе во Европа (по 26% во 2000), а според United Nations (2019) најстара нација е Јапонија со 42% од светското население постаро од 60 години и дури 70.000 стогодишници (Јапонија не е во Медитеранот, но нивната исхрана е слична). Оттаму интересот за оваа диета и тоа кај студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за да се види дали тие посветуваат внимание на исхраната пред сė, но и дали применуваат редовна физичка активност, која е исто толку важна за здравјето. Врз основа на нивната телесна маса при раѓање и моментална висина и тежина ќе се пресмета индексот на масата на телото (БМИ-body mass index), за да се види дали имаат нормална телесна маса, дебелина или потхранетост и дали постои поврзаност меѓу родилната и моменталната тежина, но и дали постои поврзаност меѓу здравата исхрана и нормалната телесната маса. Освен тоа, една од целите на овој проект е да се види дали кај нашите студенти има некои други навики кои влијаат штетно на здравјето, како пушење (цигари – класични и електронски, наргиле, пури), алкохол (пиво, вино, концентриран алкохол) или дрога (марихуана, екстази, кокаин, хероин) и дали нашите студенти се инволвирани во редовна физичка активност, во која, колку често и во колкав временски период. Притоа ќе се утврдуваат не само полови разлики, туку и разлики меѓу студентите на различните факултети, но и поврзаноста меѓу здравите навики (здрава исхрана, непушење, умерено консумирање алкохол, неземање дрога, редовна физичка активност). Истражувањето ќе се реализира на студенти од обата пола на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со анонимен анкетен прашалник, а статистичката обработка на резултатите ќе се направи во Центарот за статистичка обработка на резултатите на Факултетот за физичко, образование, спорт и здравје во Скопје.
Проекти реализирани во 2025 година
НАСЛОВ: ПРЕДИКЦИЈА НА РЕЗУЛТАТИТЕ ВО МОТОРИЧКИТЕ ТЕСТОВИ ПРЕКУ ПОКАЗАТЕЛИ ОД ТЕЛЕСНИОТ СОСТАВ КАЈ СПОРТИСТИ И НЕСПОРТИСТИ СО РАЗЛИЧНО НИВО НА ФИЗИЧКА АНГАЖИРАНОСТ
Проектот е целосно финансиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Истражувањето беше насочено кон утврдување на релациите помеѓу моторичките способности и телесната композиција кај испитаници од различни возрасни категории. Основната цел беше да се процени предиктивната моќ на процентот на скелетна мускулна маса и процентот на телесни масти врз резултатите во тестовите за процена на моторичките способности.
Во истражувањето беа вклучени вкупно 104 испитаници од машки пол, поделени во три групи: кошаркари, студенти и ученици. Сите испитаници беа здрави и претходно информирани за целта и протоколот на истражувањето. Истражувањето беше реализирано согласно однапред утврдена методологија, со примена на соодветна опрема и стандардизирани тестови.
За процена на моторичките способности беа користени тестовите: обеножен скок во височина од место (CMJ), Т-тест за агилност (TTEST) и тест за сила на стисок (THS). Телесната композиција беше анализирана преку процентот на скелетна мускулна маса и процентот на масно ткиво измерени со уредот ИНБОДИ 770. Мерењата беа спроведени со високо прецизна опрема, што овозможи добивање сигурни и релевантни податоци.
Секој тест беше повторен трипати, при што за понатамошна анализа беше земен најдобриот резултат. Помеѓу тестирањата беа обезбедени соодветни паузи, а испитаниците беа мотивирани да го дадат својот максимум. Обработката на податоците беше извршена со помош на статистичкиот пакет SPSS, при што беа применети соодветни методи за проверка на нормалноста и валидноста на податоците.
Резултатите од линеарната регресивна анализа покажаа статистички значајна поврзаност помеѓу показателите на телесната композиција и резултатите во моторичките тестови кај сите три групи испитаници. Кај кошаркарите, предикторските варијабли објаснија околу 47% од варијансата на резултатите во тестовите CMJ и TTEST, што укажува на нивна значајна предвидувачка моќ. Слични резултати беа добиени и кај студентите, кај кои телесната композиција објасни околу 33% од варијансата на моторичките резултати.
Кај учениците, регресивниот модел покажа уште повисока предиктивна моќ во однос на тестот CMJ, при што беа објаснети околу 41% од варијансата на резултатите. Во однос на тестот за сила на стисок, предикторските варијабли објаснија приближно 29% од варијансата. Овие резултати укажуваат на значајна поврзаност помеѓу телесната композиција и моторичките способности уште во раната возраст.
Во целина, добиените резултати покажуваат дека процентот на скелетна мускулна маса и процентот на телесни масти претставуваат значајни предиктори на моторичките перформанси. Предикторските варијабли поседуваат умерена до средна предвидувачка моќ, што е во согласност со резултатите од претходни меѓународни истражувања.
И покрај релевантноста на добиените наоди, истражувањето има одредени ограничувања, пред сè поврзани со релативно малиот број на испитаници. Ова ја ограничува можноста за генерализација на резултатите врз пошироката популација. Поради тоа, се препорачува во иднина да се реализираат истражувања со поголем примерок и со вклучување на дополнителни варијабли од телесниот состав, со цел подетално утврдување на нивната поврзаност со моторичките способности.

